Свети Кирил и Методиј, македонски учители и просветители-
Родени браќа родум од македонскиот град Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија.
Постариот брат, Методиј, како офицер помина десет години меѓу Македонците, а потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружи и Кирил (Константин).
Но, кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот беа пронајдени овие двајца македонски браќа и беа испратени меѓу Хазарите.
Откако го уверија Каган во верата Христова, македонските браќа го крстија и Царот и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ.
По извесно време се вратија во Цариград, каде што ја составија македонската (словенска) азбука од триесет и осум букви и почнаа да ги преведуваат црковните книги од грчки на македонски (словенски). На повик од царот Ростислав, Светите Кирил и Методиј отидоа во Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, па ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците за да ја подучуваат младината.
Подоцна, на повик од Папата, македонските просветители заминаа за Рим, каде што Кирил се разболе и умре, на 14 февруари 869 година.
Тогаш Методиј се врати во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Македонците и кај другите словенски народи. По неговата смрт – а тој се упокои во Господа на 6 април 885 година, неговите ученици Петочислениците на чело со утврдителот на Македонската православна црква Свети Климент, го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Македонците на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.
Македонските просветители Св. Кирил и Методиј, вословувајќи го македонскиот говорен јазик во азбука “глаголица”, која нивниот ученик Св. Климент ја доусовршува во “кирилица”, се всушност описменувачи на Европа и голем дел од светот, дарувајќи им писменост на широки народни маси, писменост која словенскиот свет признава дека доаѓа од светата библиска земја Македонија!