Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска во Тетово пред медиумите изрази огорченост од бранот поскапувања во последните три дена. Тој смета дека трговците и останатите дејности во голем дел се служат со манипулации со цените и дека ќе мора да реагираат инспекциските служби.
„Со особен интерес ги следниме цените во последните три дена на слободниот пазар и има некоректно, неетичко и неморално однесување на одредени компании кон зголемувањето на цените, што ќе наиде на одговор на институциите. Не може цената да порасне за 24 часа за 20 отсто, кога производствената цена не пораснала за 20 проценти во тие 24 часа. Тоа е една одредена манипулација кон нашите граѓани и затоа соодветно ќе реагираат инспекциските служби од кои очекувам извештај“, реагира Битиќи.
Вицепремиерот повтори дека антикризните мерки на Владата по ребалансот на буџетот ќе бидат исклучиво таргетирани.
„Планирани се 73 милиони евра. Веќе ги правиме сите анализи. Ќе бидат донесени, но нема да бидат сеопфатни, туку таргетирани за најзагрозени домаќинства и компании“, изјави вицепремиерот.