На 14 мај по иницијатива на студентот Атила Токаи и организација на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, дел од студентите кои посетуваат настава по македонски јазик, студенти од Македонија и нивни пријатели беа на еднодневна екскурзија во Белојанис, село на околу седумдесеттина километри од Будимпешта. Населбата е изградена во 1950 година за бегалците од Граѓанската војна во Грција, односно бегалците од Егејска Македонија. Селото било наречено според Никос Белојанис, комунистички водач и борец на отпорот-Пишува ТВ ТЕРА.
„ При прошетката на селото имавме можност да разговараме на македонски јазик со неколку локални жители, а Ристо Николовски ни раскажа дел од историјата на селото, голготата на децата бегалци и нивното доаѓање во Унгарија. Според него во педесеттите години на минатиот век поголемиот дел од жителите зборувале на македонски јазик, во 1980-те работите почнуваат да се менуваат, дел од жителите се раселуваат низ Унгарија, односно Будимпешта или заминуваат во други земји, пред сѐ во Југославија, а дел се враќаат во Грција (Егејска Македонија)“- вели м-р Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта, докторант на Докторската школа за книжевност при ЕЛТЕ.
Интересен е податокот дека театарската група во која членувал Николовски ја поставува и игра Македонска крвава свадба од Чернодрински, но и други македонски драми.
За животот на Македонците во Белојанис сведочи и документарниот филм „Бегалците од Егејска Македонија – Белојанис (Унгарија) снимен во 1990 година во продукција на Радио телевизија Скопје:
Според официјалните податоци денес околу 60% од жителите на селото се Унгарци, оа дел се декларираат како Грци, а дел не се декларираат никако. Останата е само една улица која го носи името Делчев, како сведоштво на животот на Македонците во Белојанис, која според кажувањата на Николовски успеале да ја добијат со големи напори и маки.
„Во изминатите неколку години сѐ поголем број потомци на бегалците од Егејска Македонија, внуки и внуци на некогашните жители на Белојанис, се обраќаа до Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, со желба да го изучуваат македонскиот јазик и да се запознаат со македонската култура. Со себе носат по некој збор останат од нивните баби и дедовци и некое посебно чувство за идентитет, односно желба за реоткривање на македонските корени и македонски идентитет што уште тлее во нив“, додава Панзов.